АВИОНИ

Partenavia P68

P68 е италијански шестосед, висококрилец, двомоторен авион, со класичен стоен трап, произведен од компанијата Partenavia. Се произведува од 1972 година до денес. Во светски рамки првенствено се користел како личен и бизнис авион, а подоцна и како лесен карго транспортер.

Во поново време се користи и како авион за набљудување, во гранични и полициски цели, транспорт на болни лица, органи за трансплантација како и за обука на пилоти за рејтинг за повеќе-моторен авион и за инструментално летање.

Во составот на Аеро Клуб Скопје се наоѓаат два авиона P68 модел Victor, кои се користат за VIP транспорт, авиотретирање против комарци, аплицирање на вакцини-мамки против беснило и фрлање на падобранци.

Карактеристики: капацитет-6 седишта, должина 9.55m, распон на крила 12m, погонска група 2x Lycoming IO-360 A1B6, редни четирицилиндрични мотори со воздушно ладење со инјектор, со снага од 200 КС.

Перформанси: максимална брзина 322km/h, брзина на крстарење 298km/h, долет 2112km, плафон на лет 5850m, брзина на качување 7.6м/с.

 

Cessna 172 Skyhawk

Моделот 172 е едномоторен клипен авион со карбуратор или со инјектор, четворосед, висококрилец, произведен во верзии со фиксен и вовлекувачки стоен трап, од американско производство. Се произведува од 1956 год. до денес, и е произведен во повеќе од 44.000 примероци, т.е. повеќе од било кој друг авион во светската историја.

Со него во 1958 е поставен рекордот во издржливост во воздух, рекорд кој до ден денешен не е соборен. Во 1987 година, Матијас Руст со Cessna 172P незабележан слетал на Црвениот плоштад во Москва во тогашниот Советски сојуз.

Во флотата на Аеро Клуб Скопје до сега се наоѓале три модела од овој авион и тоа C172K, L и M модели. Во моментов АК Скопје располага со еден примерок C172K произведен во 1969 год., кој се користи првенствено за обука на пилоти, аплицирање на вакцини-мамки против беснило, панорамски летови и за лична употреба.

 

American Champion Citabria

Авионот за прв пат е произведен далечната 1964 год. и сеуште се произведува. Тој е лесен, едномоторен клипен авион, двосед, со фиксен класичен стоен трап, т.е. со две главни тркала напред и едно мало на опашката.

Наменет е за влечење едрилици, обука за летање, набљудување, извидување и лична употреба. Способен е да издржи акробатски напрегања од +5g до -2g. Оттаму неговото име напишано наопаку се чита “Airbatic”.

Како погонска единица користи мотор Lycoming O-360 со јачина од 150КС. Максималната брзина му е 209km/h, а брзината на крстарење е 200km/h. Има долет од 761km, а плафонот на лет му е 5.200m.

Во составот на АК Скопје во употреба досега се наоѓале два авиона Citabria модел 7GCBC Explorer кои се користеле најчесто за влечење едрилици. Во моментов аеро клубот располага со една Цитабриа која во истиот се користи од 1972 година.

 

Cessna 182 Skylane

Моделот 182 се произведува од 1956 год. и сеуште се произведува, со неколку прекини во производството. Тој е едномоторен авион, висококрилец, со четири седишта со опција во багажниот простор да се монтираат и две седишта за деца.

182-ката се произведува во повеќе верзии, со фиксен стоен трап од типот трицикл, како и со вовлекувачки стоен трап, со обичен клипен мотор со карбуратор или инјектор, и мотор со турбо полнач.

Верзијата 182H произведена во 1964 год. во составот на АК Скопје се наоѓа од 2009 година. Истата се користи за влечење едрилици, фрлање падобранци, влечење банери, прскање против комарци, апликација на вакцини-мамки против беснило, транспорт на патници и како личен транспорт.

Карактеристики: капацитет- 4 седишта, должина 8,6m, распон на крила 10,9m, тежина на празен авион 730kg, максимална тежина 1338kg.

Перформанси: мотор 1x Continental O-470 со шест цилиндри со карбуратор, со променлив чекор на елиса и со воздушно ладење, со снага од 230КС.

Максимална брзина 270km/h, брзина на крстарење (75% снага на висина од 2000m) 259km/h, економична брзина на 3000m 211km/h, долет од 1.100 до 1865km.

 

Piper PA-28 Cherokee

Авионот Piper PA-28 Cherokee е фамилија на лесни авиони, произведени од американската Piper Aircraft и се наменети за обука и тренинг на пилоти, авио-такси и лична употреба. Авионите се од целосна метална конструкција, со еден клипен мотор со воздушно ладење, нискокрилци, со стоен трап од типот трицикл. Имаат само една врата од десната страна, низ која се влегува со газење преку крилото.

Авионите од фамилијата PA-28 на светскот пазар се натпреваруваат со висококрилците Cessna 172, се произведуваат од 1961 год до денес, и се на второ место по произвозводство, со произведени повеќе од 32.778 парчиња.

Компанијата Piper има произведено повеќе варијанти во рамки на Cherokee фамилијата со употреба на мотори од 140 до 300 КС, со карбуратор, инјектор, турбо-полнач, со фикцен и променлив чекор на елисата, и со продолжен труп за сместување на четири лица.

Во составот на АК Скопје во употреба се наоѓаат два модела на PA-28 и тоа моделите PA-28-181 Archer II со фиксен стоен трап, мотор Lycoming O-360-A4M со фиксен чекор на пропелерот, со снага од 180КС и тежина од 1.157kg. и PA-28R-201 Arrow III, со вовлекувачки стоен трап и променлив чекор на елиса, со мотор Lycoming IO-360-C1C6 со снага од 200КС, и тежина од 1.247kg.

 

Developed in conjunction with Ext-Joom.com

© 2017 Aeroklub Skopje. All Rights Reserved.