Едрилици

Јастреб Вук-Т
Едрилицата Вук-Т е едноседа едрилица од класата “Стандард” која е дизајнирана и произведена од Фабриката за авиони и едрилици Јастреб од Вршац во поранешна Југославија.
Произведена е целосно од стакло-пластика т.е. фиберглас. По излегување од производствените погони, едрилиците првенствено се тестирани од Југословенското воено воздухопловство, за потоа истите да бидат донирани на државно спонзорираните аеро клубови низ земјата.
Едрилицата Вук-Т е способна за изведување на следните маневри/акробации: лупинг, ранверсман, остри засврти и ковит. Популарна е во аеро клубовите затоа што ги потсетува членовите на времињата на бесплатно летање т.е. на донацијата на авиони и едрилици од страна на ЈНА, и генерално на Југо-носталгијата.
Една типична карактеристика на оваа едрилица е свиречкиот звук за време на летањето кој потсетува на завивањето на волците (оттука и нејзиното име). Во историјата на Аеро клубот Скопје се користеле две едрилици од овој тип, од кои денес е останата само една.
Карактеристики: Посада: 1, должина 6.5m, распон на крила 15m, висина 1.3m, тежина на празна едрилица 260kg, максимална тежина 385kg, минимална тежина на пилот со опрема 70kg, максимална тежина на пилот 110kg.
Перформанси: Брзина на превлекување 59km/h, максимална брзина 240km/h, маневарска брзина 150km/h, брзина во аеро-запрега 125km/h, брзина на витло 110km/h, максимална финеса 37.5 на 105km/h.

 

ЛЕТ Супер Бланик Л-23
Едрилицата Л-23 Супер Бланик е двоседа едрилица со целосна метална конструкција. Се користи првенствено за основна обука како и за обука во основно акробатско летање. Претставува подобрена верзија на Л-13 Бланик и е покомотна во предната кабина. Разликата е во закосениот опашест дел со Т-хоризонталец.
Нема флапсови, додека воздушните кочници се отвараат на горниот и долниот дел на крилата. Хоризонталецот се наоѓа на горниот дел од опашката како заштита при можни вон теренски слетувања. Кабината има поинаков дизајн од таа на Л-13 со што е овозможена подобра видливост.
Доколку едрилицата се лета соло, пилотот седи на предното седиште, и неговата тежина мора да биде најмалку 70kg со опрема. Ако тоа не е така се користи т.н. баласт во форма на специјално изработено седиште од 15kg кое се поставува на местото на оригиналното.
Карактеристики: Посада 2, должина 8.5m, распон на крила 16.2m; со инсталирани продолжетоци 18.2m, висина 1.9m. Тежина на празна едрилица 310kg, максимална тежина на полетување 510kg.
Перформанси: Брзина на превлекување 56km/h при максимална тежина, максимална брзина 250km/h, маневарска брзина 160km/h, максимална брзина во аеро-запрега 150km/h, на витло 120km/h. Оптеретувања +5G -1.5G со посада двајца, +6G -3G кога се лета соло. Најдобра финеса 28 на 90km/h (32 со инсталирани продолжетоци).

 

Developed in conjunction with Ext-Joom.com

© 2017 Aeroklub Skopje. All Rights Reserved.