Едриличарсво

Првите обиди за летање со едрилици во Македонија се јавуваат во 1936 година, при првата машка гимназија во Скопје. Во почетокот летале со едрилица „Цилинг“, произведена според купени планови од самите членови на воздухопловното друштво во Скопје. Во годините до Втората светска војна, едриличарските активности во Скопје значително се развиле.

Во Аероклубот Скопје постои Центар за обука на пилоти на едрилица одобрен од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Во центарот кандидатите може да се пријават за Основна обука или за Напредна обука. Основната обука има за цел кандидатот да се стекне со основни знаења и вештини неопходни за стекнување на дозвола за пилот на едрилица.

Со Напредната обука кандидатот се оспособува за стекнување на овластувања како на пример, летање со моторна едрилица, ноќно летање со едрилица, летање без надворешна видливост, акробатско летање со едрилица, летање со патник во комерцијални цели, инструктор за обука на пилоти на едрилица, инструктор за обука за изведување на акробации.

Условите за започнување на основната обука за пилот на едрилица се:

  • да има завршено основно образование.
  • да има навршено 15 години старост (пред почетокот на практичното летање)
  • лекарско уверение од овластена воздухопловна лекарска комисија, класа 1 или 2.
  • писмена потврда за согласност од родител или старател за посетување на обука, доколку кандидатот не навршил 18 години старост.
  • документ за идентификација
  • изјава дека доброволно започнува обука

Основната обука за стекнување на дозвола на пилот на едрилица се состои од теоретска и практична обука.

Теоретската обука се спроведува во вкупно 106 часови од кои 90 часови во училница.

Предмети кои се изучуваат се: Воздухопловни правила и прописи, Основни познавања на воздухоплови, Перформанси на лет, планирање и товарење, Човечки способности, Метеорологија, Навигација, Оперативни процедури, Теорија на летање и Радиотелефонија.

Практичната обука се состои од вежби на земја и вежби во воздух. Вежбите на земја се спроведуваат пред почеток на извршување на вежбите во воздух и се спроведуваат со цел изучување на едрилицата на која ќе се врши обуката и изучување аеродромот и оперативните постапки за негова експлоатација.

Полагањето за дозвола за пилот на едрилица се организира и изведува во Агенцијата за цивилно воздухопловство.

 

Developed in conjunction with Ext-Joom.com

© 2017 Aeroklub Skopje. All Rights Reserved.