Тренинг центар

Во рамките на Аероклубот Скопје има Тренинг центар за обука по различни воздухопловни спортови. Илјадници пилоти, едриличари и падобранци поминале низ образовниот систем на нашиот клуб. Голем дел од членовите продолжиле во градење на професионална кариера во воздухопловството. АКС Скопје поседува уверение за работа од Агенцијата за цивилно воздухопловство за обука на приватни пилоти (PPL), обука за пилоти на едрилица и обука на падобранци.

Моторно летање

Ако сакате да бидете спортски пилот или сакате да станете професионален пилот, во Аероклубот можете да го направите првиот чекор и да се стекнете со Дозвола за приватен пилот на авион PPL.

Школскиот центар за обука на пилоти работи според Програмата за школување и стекнување на Дозвола за приватен пилот на авион и опфаќа стандардно оспособување на ученик – пилот. (МК JAR – FCL1).

Успешното совладување на темите од теоретската и практичните настава од оваа програма му овозможуваат на ученикот – пилот успешно да ја заврши обуката и да го положи испитот за дозвола за приватен пилот на авион.

Ученик – пилот мора да има најмалку 16 години пред првото самостојно летање, а за да полага испит за ППЈ1(А) мора да има најмалку 17 години.
Теоретскиот дел од обуката се состои од 130 наставни часа. Практичниот дел од обуката за летање ученикот може да ја започне откако ќе ги ислуша следните предмети: Основно познавање на воздухоплови, Изведување и планирање на лет, Основни принципи на летање и Комуникација. Паралелно со летањето може да ги слуша следните предмети: Метеорологија, Навигација, Човечки способности и ограничувања, Оперативни процедури, Воздухопловни прописи и АТЦ процедури.

Кандидатот за PPL(A) мора да има најмалку 45 часа налет за да може да полага испит. За 123 лета со авион може да се совладаат сите елементи на летање според Програма на вежби во воздух.

Падобранство

Падобранството, како воздухопловна спортска дисциплина, во Македонија се развило по Втората светска војна. Првиот падобрански скок во Македонија го извел Александар Трајковиќ во 1938 година.

Аероклубот Скопје организира обуки за Падобранци почетници и за Напредни падобранци.

 

Почетничките обуки се организираат два пати годишно:

– пролетна обука (главна) и
– есенска обука (по потреба).
Напредната обука трае преку целата година.

Првиот чекор на секој падобранец почетник е лекарски преглед. Потоа следи обука која трае околу 3 недели и се состои од теоретски и практичен дел.
За да биде примен на основна обука, кандидатот за падобранец треба да ги исполнува следните услови:
– да има најмалку 16 години;
– да има лекарско уверение за здравствена способност класа 4 и
– доколку кандидатот не е полнолетен, да има писмена согласност од родител/старател за започнување на обуката.

 

Аероклубот организира и скокови со тандем-падобран во кој патникот е закачен на тандем-инструкторот со специјални систем на врски.

Обуката трае 15 минути пред скокот и се скока еднаш од 3000 метри.

Задолжен за падобранските обуки е Јане Стефанов, инструктор по падобранство.

Едриличарство

Првите обиди за летање со едрилици во Македонија се јавуваат во 1936 година, при Првата Машка Гимназија во Скопје. Во почетокот летале со едрилица „Цилинг“, произведена според купени планови од самите членови на воздухопловното друштво во Скопје. Во годините до Втората светска војна, едриличарските активности во Скопје значително се развиле.

Во Аероклубот Скопје постои Центар за обука на пилоти на едрилица одобрен од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Во центарот кандидатите може да се пријават за основна или за напредна обука. Основната обука има за цел кандидатот да се стекне со основните знаења и вештини неопходни за стекнување на дозвола за пилот на едрилица.

Со напредната обука кандидатот се оспособува за стекнување на овластувања како летање со моторна едрилица, ноќно летање со едрилица, летање без надворешна видливост, акробатско летање со едрилица, летање со патник во комерцијални цели, инструктор за обука на пилоти на едрилица и инструктор за обука за изведување на акробации.

Условите за започнување на основната обука за пилот на едрилица се: да има завршено основно образование, да има навршено 15 години (пред почетокот на практичното летање), лекарско уверение од овластена воздухопловна лекарска комисија класа 1 или 2, писмена потврда за согласност од родител или старател за посетување на обука доколку кандидатот не навршил 18 години старост, документ за идентификација и изјава дека доброволно започнува обука

Основната обука за стекнување на дозвола на пилот на едрилица се состои од теоретска и практична обука.

Теоретската обука се спроведува во вкупно 106 часа од кои 90 часа во училница.
Предметите што се изучуваат се: Воздухопловни правила и прописи, Основни познавања на воздухоплови, Перформанси на лет, планирање и товарење, Човечки способности, Метеорологија, Навигација, Оперативни процедури, Теорија на летање и Радиотелефонија.

Практичната обука се состои од вежби на земја и вежби во воздух. Вежбите на земја се спроведуваат пред почеток на извршување на вежбите во воздух и се спроведуваат со цел изучување на едрилицата на која ќе се врши обуката и изучување аеродромот и оперативните постапки за негова експлоатација.

Полагањето за дозвола за пилот на едрилица се организира и изведува во Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Задолжен за едриличарските обуки е Оливер Ивановски, инструктор по едриличарство.